Тим
ТФТ С0 НОВ ТРИУМФ НАД ЧАИР И НА ЧЕКОР ДО ПОЛУФИНАЛЕТО
Екипата на ТФТ е на чекор од пласман во полуфиналето од домашниот плејоф откако и во вториот меч на домашен терен го победи Чаир.
За разлика од натпреварот пред три дена, сега беше многу понеизвесно и драматично, па тимот од Тафталиџе победи со само шест разлика (72-66). Мечот беше решен во последните минути и покрај тоа што ТФт во текот на мечот имаше водство и од 16 поени разлика, додека Чаир поведе само еднаш и тоа во последната четвртина.
Почетокот беше експлозивен за ТФТ кој за помалку од три минути постигна 11 поени и направи убава предност. Чаир брзо одговори и се врати во игра, но домаќините пред крајот на првиот период имаа двоцифрена предност (27-16). Доминацијата на ТФТ продолжи и во втората четвртина кога оваа екипа го достигна и највисокото водство (36-20), а слично беше и на крајот од полувремето на кое домаќините заминаа со 42-29.
Чаир долго време се мачеше со шутот од дистанца, додека ТФТ постигна шест тројки само во првата четвртина и тука треба да се бара причината за високата предност. Кога на чаирчани им „фати“ шутот, погодија три тројки по ред и успеаја да се доближат на само еден посед негатива. ТФТ го одби тој напад и ја задржа предноста уште извесен период, но по кошот со фаул на Какруки на пет минути пред крајот, Чаир првпат дојде во водство (55-54). Домаќините, сепак, брзо се консолидираа, постигнаа шест поени во низа или вкупно 13-3 и отидоа на 67-58 на нешто повеќе од минута пред крајот.
Се чинеше дека тука е крајот, но ТФТ се соочи со проблеми во организацијата на нападите, како и во дефанзивниот скок, кошаркарите на Чаир освоија неколку топки и на 15 секунди пред крајот беше 66-68. Ситуацијата мораше да ја спасува Зафиров кој со две погодени слободни фрлања стави точка на мечот.
Зафиров и Браун беа и најзаслужни за триумфот на ТФТ, заедно постигнувајќи повеќе од половина поени на ТФТ (20+19). Третиот меч од серијата се игра на теренот на Чаир во среда (30.04) со почеток во 19:00 часот.