ШАМПИОНОТ МЗТ “ПАДНА” ВО КАЛЕ, ТФТ ОСТАНУВА ЛИДЕР НА ТАБЕЛАТА

Шампионот МЗТ Скопје Аеродром “падна” во Кале, каде наиде на мотивираниот противник  ТФТ, кој ги искористи сите слабости на екипата од Аеродром, и го доби дерби дуелот на 9. коло од првата „Мтел“ лига.

ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ 75:70(кликни за детална статистика)

Домашната екипа беше првата која стигна и до двоцифрена предност во дерби дуелот на 9.коло од Првата лига.

По тројката на Зафиров „црно-белите“ имаа предност од (24:13) кога се играше деветтата минута.

Но со серија од (10-0), која ја отворија на крајот на првата четвртина, а ја продолжија во првите минути од втората, шампионот се врати „назад во натпреварот“. Намали МЗТ Скопје на (23:24), но шампионот не успеа да направи комплетен резултатски „кам-бек“. Предводени од расположениот Говенс (14.поени во првиот дел од играта), домаќините се одбранија од тој налет. Па макар и во нешто понервозна игра, успеваа да ја одржат позитивата, која на крајот на полувремето беше сосема солидни (43:36).

Многу поагресивно ТФТ го почна и второто полувреме, доволно одново да се одви на позитива поголема од десет поени. Токму преку Говенс (негов 17.поен), односно серија од (8-2), стигнаа од највисоки (51:38).

Следуваше ран тајм-аут на тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов…

Но Говенс продолжи да создава сериозни проблеми на гостинската одбрана, и да ја „чува“ таа висока предност. На Другата страна и немаше премногу расположени поентери, со исклучок на Војдан Стојановски кој беше првиот во сино-бела комбинација на опремата кој ја надмина бројката од десет поени. Макар што најголем дел од нив од линијата за слободни фрлања.

И само „благодарение“ на доста подобрената игра на одбраната во онаа финална четвртина, првакот успеа да фати комплетен резултатски приклучок. Поточно на половина од тој последен период, беше во негатива од четири поени (64:68).

По тројката на Едвин, аеродромци беа на уште пониски (67:70), имаа и напад за изедначување. Но не го реализираше Баковиќ, на другата страна. Казни, кој друг ако не, Говенс, за (72:67), а Гафни за уште повисоки (74:67).

Едвин даде малку надеж со „два плус еден“ игра за (70:74), но време за МЗТ Скопје веќе немаше.

Говенс застана на 24.поени, Гафни додаде 14, Николов 13, а Зафиров уште 10.поени за ТФТ.

Со оваа победа екипата на ТФТ останува осамена на врвот. Следен наш противник е екипата на КК Тиквеш со кој играме на домашен терен.