Теодор Симиќ е нов играч на ТФТ!

Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ потпиша договор со ТФТ.

Со тоа, еден од најперспективните наши кошаркари првпат во кариерата доби можност да настапува во Првата македонска кошаркарска лига, по годините поминати во Шпанија и БиХ. Во Барселона замина уште на 14-годишна возраст, ги помина сите младински категории во каталонскиот гигант, лани играше во Борац Бања Лука, а по кратката авантура во Прат, сега доаѓа во татковината.

Симиќ ќе биде големо засилување за ТФТ под кошевите, а во исто време е трет македонски репрезентативец во редовите на клубот од Тафталиџе, по Адем Мекиќ кој дојде пред почетокот на сезоната и Страхил Николов кој е долгогодишен член на екипата.

Своето деби за ТФТ, Симиќ ќе го забележи в понеделник, на дуелот против Работнички чиј играч и тренер во минатото беше неговиот татко Тони Симиќ.