Бомба во Тафталиџе: Адем Мекиќ е нов кошаркар на ТФТ

Еден ден откако постигна договор со Дерин Говенс кој ќе биде играч и член на Управниот одбор на клубот, ТФТ обезбеди уште едно големо засилување во пресрет на сезоната.

Нов играч на ТФТ е македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ кој со ова го официјализира враќањето во домашната кошарка по безмалку две години поминати во странство, прво во романскиот прволигаш Темишвар, а потоа и во Задар со кого освои две титули во хрватското првенство. Искусниот кошаркар се согласи на отворен договор со нашиот клуб што значи дека ќе биде слободен да си замине ако до него стигне вистинска понуда, пред се од странство. Додека се случи тоа, Мекиќ одлучи да помогне во амбициозниот проект на ТФТ и покрај тоа што за него имаше интерес од неколку домашни клубови, како и од регионот.

Ова е и голем чекор на новата управа на ТФТ која успеа да постигне договор со Мекиќ и да го убеди да потпише договор со клубот. Кошаркарот тренираше со овој клуб извесен период, ги освои сите со своето професионално однесување и тоа беше клучен елемент да се постигне договор за соработка.

ТФТ ќе биде шести македонски клуб во кариерата на Мекиќ кој досега играше и за Вардар, МЗТ Скопје, Куманово, АВ Охрид и Пелистер. Своето деби за новиот клуб ќе го забележи веќе в сабота, во дуелот со МКК Куманово во во Кале.