ТФТ поведе во полуфиналето против екипата на Работнички

ТФТ поведе со 1-0 во полуфиналната серија од македонскиот кошаркарски плејоф откако го совлада Работнички со 98-90 (Кликни за детална статистика).
Драматичниот меч беше решен по продолжение и покрај тоа што ТФТ постојано го диктираше темпото и во третата четвртина имаше водство и од 15 разлика. 
Натпреварот почна со доминација на Работнички кој во четвртата минута водеше со 12-7, но тука застана. Со серија од 7-0, ТФТ ја презеде предноста, а до крајот на првата четвртина веќе водеше со девет разлика (25-16). По три минути игра во вториот квартал, домаќините на овој меч првпат имаа двоцифрена предност (31-21), па иако Работнички постојано се доближуваше, не успеваше и да поведе.
Се чинеше дека се е готово на три минути пред крајот на третиот период кога ТФТ отиде на максимални +15 (65-50), но драмата допрва почнуваше. Постепено се топеше предноста на домашниот тим, по неколку обиди Работнички конечно дојде на еден посед негатива, а по седумте поени во низа на Дубински, од кои две тројки, на две минути пред крајот израмни на 83-83. Говенс погоди фантастична тројка, но Рош потоа намали на 85-86, а откако ТФТ не го искористи својот напад, Работнички доби шанса да го преземе водството. Шошкиќ беше фаулиран и доби две слободни фрлања, ама погоди само еднаш, колку да израмни и да го одведе мечот во продолжение. Во последниот напад Зафиров промаши тројка за победа.
Во дополнителните пет минути ТФТ доминираше, Работнички се одржуваше до 90 секунди пред крајот кога беше 89-88, но Шошкиќ направи петта лична грешка, Дубински беше изблокиран за тројка и Браун од линијата за слободни фрлања стави крај на сите дилеми.
Говенс одигра извонреден натпревар, постигна 25 поени, Браун беше фантастичен во клучните моменти и заврши со 21 поен и 9 скока, а двоцифрени беа и Хотон и Гринли. 
Следниот натпревар се игра во среда (14.05) со почеток во 19:00 часот во СРЦ Кале каде повторно домаќин е екипата на ТФТ Скопје.