ТФТ победник во “соседското дерби”, го победи Работнички и останува непоразен
Во последниот меч од шестиот круг, воедно и дерби, тимот од Тафталиџе го совлада Работнички со 85-77 и ја задржа челната позиција на табелата. Натпреварот го одбележа шутерското шоу на двете екипи, беа постигнати вкупно 26 тројки, а Работнички повеќе од половина поени ги постигна со шут од дистанца.
ТФТ главно го диктираше темпото, но колку беше израмнет овој меч, најдобро зборува фактот што највисоката предност изнеусваше осум разлика, колку што беше и конечниот резултат. Двете екипи се менуваа во водство, но не успеваа долго да го задржат бидејќи на секоја предност повисока од еден посед, следуваше серија, најчесто со тројки, на противникот. ТФТ имаше 23-17 и 29-22 во вториот период, како и највисоките 33-25. Работнички не само што не се шокираше од тој резултат, туку до крајот на полувреме успеа и да го преземе водството (38-37).
Во третата четвртина главно иста слика, ТФТ го диктираше темпото, но тогаш се разиграа Ефремовски и Ѓуроски кои со серија тројки го анулираа водството на противникот и му донесоа предност од 60-56 на Работнички, највисоко за тимот од градски парк за овој натпревар. ТФТ одговори со серија од 10-0 за враќање на предноста, а револверашката пресметка продолжи и во последниот квартал. Ваков шутерски меч мораше да биде одлучен со тројка, а ја постигна Говенс на 69 секунди пред крајот, со истекот на времето, од огромна далечина и под притисок на противнички играч, за 83-77 за ТФТ. Тоа придонесе за конфузија во редовите на Работнички, следниот напад беше брзоплето одигран, домаќинот не успеа да поентира и Гринли од линијата за слободни фрлања само стави точка на мечот.
Гринли со 24 поени беше најефикасен во нашите редови, а следуваат Говенс со 19 поени и 8 асистенции, Николов 13 поени, Хотон 10 поени и младиот Стојаноски кој имаше 9 поени.