НИКОЛА ВАСИЛЕВСКИ E НОВ ИГРАЧ НА ТФТ!

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Никола Василевски во вториот дел од сезоната ќе биде член на ТФТ и ќе се обиде да помогне на ко-лидерот на табелата да стигне до нов трофеј во домашната кошарка.

Претходните 18 месеци тој играше во тимот на Промо во првенството на БиХ за кого сезонава настапи на 13 натпревари. Сепак, одлучи да ја смени средината и да се врати во македонската елитна конкуренција каде веќе настапуваше за МЗТ Скопје 2 и Академија ФМП. Со ТФТ потпиша договор до крајот на сезоната 2025/26 и тоа ќе биде добра можност за негов натамошен развој.

Меѓу другото, Василевски беше и член на македонската У20 репрезентацијата која во 2023 година го освои сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје и обезбеди пласман во елитната конкуренција.