Големи промени во ТФТ: Нури нов претседател на УО, Горјан Марковски спортски директор
Во релативно мирниот период во домашната кошарка, најактивен деновиве е поранешниот освојувач на Купот на Македонија, ТФТ кој освен што работи на промени во играчкиот кадар, ја смени сликата и во структурата на клубот. На последниот Управен одбор и годишното собрание по завршувањето на последната сезона, донесени се одлуки во однос на логистичка и спортска реорганизација со цел подигнување на клубот на повисоко организациско ниво и отварање на нов мини циклус од 3 години во кој би се стремел кон организациски и резултатски раст, подигнување на условите на организациско функционирање и спортска амбиција за повторно учество во европски/регионални натпреварувања и борба за некој од трофеите во домашното првенство и куп. Во периодот што следи се очекува проширување на членовите на управниот одбор, негово надополнување со луѓе кои ја делат визијата и амбицијата и можат да придонесат во остварувањето на нашите цели и амбиции. За нов Претседател на управниот одбор едногласно е избран капитенот и жива легенда на клубот Едис Нури. Уште еден активен играч ќе биде дел од највисокото раководство, станува збор за Горјан Марковски кој е назначен за спортски и маркетинг директор, но двајцата и покрај новите функции, остануваат во играчкиот кадар на тимот од Тафталиџе, односно ќе останат активни претстојната сезона за со своето присуство да ја помогнат организациската и играчка транзиција во ТФТ. Интересно е тоа што и братот на Марковски, Јован, поранешен кошаркар и младински репрезентативец на Македонија, исто така беше спортски директор на ТФТ, во сезоната 2020/21. Прва одлука на новиот раководен тандем е изборот на кондициски тренер, функција која и во иднина ќе ја извршува Матеј Јовановски кој го продолжи договорот со клубот. Што се однесува до Боро Смилковски, тој останува тренер на екипата и прв оперативец во клубот (генерален менаџер). Покрај тоа, донесени се одлуки за уште неколку позиции во клубот, како од спортскиот, така и останатите делови. Марко Трајковски е нов координатор на младинските школи, Никола Георгиевски и Филип Русевски ќе бидат одговорни за дизајн и ИТ, а ново лице одговорно за маркетинг и социјални медиуми е Кристијан Арсовски. По пополннувањето на сите позиции во раководните структури, наскоро се очекува ТФТ да биде освежен и на теренот. Клубот е во преговори со неколку кошаркари од домашната и меѓународната сцена, дел од оние што досега ги бранеа боите ќе си заминат, а конечната слика за екипата од Тафталиџе ќе биде позната во следните неколку недели.