Смилковски: Имаме докази дека целиот ростер навремено е регистриран, не нè испочитуваа како организација
Тргнавме кон Тузла со многу енергија и позитивни мисли дека ќе одиграме добра кошарка и ќе се бориме за позитивен резултат, за на само неколку минути пред почетокот на дуелот против Тузла, управата од АБА2 лигата да ни испрати непријатно изненадување дека нашите четворица странски кошаркари наводно не биле навремено регистрирани за пресметката против Слобода.
Натпреварот сепак го одигравме, иако само шестмина наши играчи истрчаа на паркетот, покажавме чесност, гордост, па и поразот од 40 и нешто поени разлика го истрпивме со кренати глави.
По мечот, тренерот Боро Смилковски имаше што да каже за целокупната апсурдна ситуација во која не ни беше дозволено да ги искористиме квалитетите на Сила, Луис, Вајт, како и новото центарско засилување за јадранскиот шампионат, Отас.
„Ја чекав прес-конференцијата цели два часа бидејќи навистина имав потреба да кажам некои работи, но ќе почнам со честитки до екипата на Тузла за нивната победа, им благодарам за гостопримството. Добро се познаваме со целиот стручен штаб и тренерот Трбиќ. Сметам дека оваа екипа е можеби најдобрата во АБА2 сезонава, по некои мои стандарди, играат исклучително добра кошарка, но штета што поголем дел од работите што треба да ги коментираме сега немаат допирна точка со кошарка.
Никогаш во мојата кариера не сум водел екипа со само шест играчи на еден натпревар, а работам 9 години како предводник на ТФТ. Долги години сме учесници во АБА2 лигата, тоа учество многу ни донесе нам како клуб, но и ние реципроцитетно возративме на лигата и сметам дека отсекогаш сме биле едни од најпримерните учесници.
Она што се случи пред натпреварот, постои платформа на АБА која сите може да ја проверат за да утврдат дека сите играчи кои дојдоа за овој натпревар, се навремено регистрирани. Имаме доказ за тоа, а исто така може да провериме според правилникот на лигата дека правото за регистрирање на играчи е 24 часа пред почетокок на натпревар, додека целиот наш ростер беше регистриран уште во саботата, три дена пред овој дуел. Сепак, кога пристигнавме во салата, делегатот извади лист кој го добил од АБА на кој нашите четворица странски играчи не беа надевени. Се обидовме да реагираме, а добивме некое објаснување кое според мене беше бесмислено, дека овој натпревар се води како одложен, односно требало да се одигра на 14 октовмри според првичниот распоред, што не е вистина. Сите знаеме каков хаос беше пред извесно време, сите имавме проблеми со распоредот, кој потоа комплетно се измени. Да, постоеше натпревар на 14.10, но ТФТ – Тузла, ние наведени како домаќини, кој немаше никаква допирна точка со овој меч. За нас ова беше прв настап.
Ќе ви кажам дека бев во контакт со целата клупска управа, добивме упатства да не го играме дуелот, но сепак поради публиката, Слобода Тузла како организатор, но најмногу поради одлуката на моите момци да играат, поддржани токму од играчите на кои не им беше дозволено да настапат, одлучивме да излеземе на терен. Она што можам да кажам е дека веќе подготвуваме правни постапки и ќе се обратиме до лигата.
Она што не ми се допадна е дека почувствував непочит кон нас како организација. Сметам дека најголема победа беше што ниту еден од шесте играчи кои играа не се повреди. При тоа уште еднаш да напоменам дека ги имаме сите докази, документи и податоци дека од наша страна целиот ростер е регистриран, а на сè што се случи, никој од нас не доби официјално известување пред натпреварот дека некој од нашите кошаркари не е регистриран. Поминавме повеќе од 700 километри и 10 часа патување за да го одиграме овој натпревар, за да го поминеме истиот пат назад веднаш по овој натпревар. Секако дека не се чувстуввам среќно, се чувствувам навредено“, изјави коуч Боро.