Со вицешампионски статус тргнуваме во новата сезона во АВА2

Нашата екипа денес ја почнува својата сезона во АБА2-лигата, со статус на вицешампион. Избраниците на Боро Смилковски се наоѓаат во Тузла, БиХ, каде што во 18 часот вечерва ќе ги одмерат силите против Слобода Енергоинвест.

По ланската успешна кампања во која изборивме да играме за пласман во АБА-лигата, успех кој за влакно ни го одзеде Широки Брег, овојпат целите ни се слични, ако не и идентични, безразлика што ростерот истрпи измени и подмладок.

Тузла е колку-толку познат противник, одигравме еден дуел против Слобода во кој славевме со 96:91, и тоа на домашен терен во ланското издание на шампионатот. Сега мисијата е повторно да оствариме позитивен резултат, но на нивно тло.

Очекувањата на Боро, како и секогаш се неговите момци да го дадат максимумот на паркетот.

„Нè очекува тежок натпревар, прв за нас во овогодинешното издание на АБА2-лигата. Слобода има квалитетна екипа која во голема мера го задржа играчкиот кадар од ланската сезона, како и континуитетот во работата на тренерот Марко Трбиќ. Во сериозен пристап и фокус на деталите, ќе се обидеме со агресивност да наметнеме наш стил на игра во транзиција со доста поседи. Контролата на скокот ја издвојувам како еден од клучните фактори во обидот да дојдеме до позитивен резултат на натпреварот“.

Капитенот на екипата, Страхил Николов, посочи дека сите се максимално подготвени за стартот на сезоната во АБА2-лигата.

„Нè очекува тежок натпревар на гостински терен со кој ја отвораме сезоната во АБА2. Подготвени сме на предизвикот и веруваме во нашиот квалитет и стил на игра. Во новата сезона влегуваме како вицешампиони што претставува голем успех за нас, но и дополнителна мотивација. Се надевам дека ќе дадеме сè од себе за да ја почнеме сезоната со позитивен резултат“.

Натпреварот Слобода – ТФТ може да го гледате на Арена Спорт М3 Премиум, со почеток во 18 часот.