Време е за прва гостинска победа
Мини-турнејата од две гостувања на нашите момци почнува денес од Кавадарци, каде избраниците на Боро Смилковски ќе се сретнат со екипата на Тиквеш, во рамките од 5. коло во МТЕЛ Супер лигата.
Ова е одлична прилика за остварување на првата гостинска победа во лигата, со оглед на тоа дека Кавадарци е територија каде забележавме три победи на последните пет гостувања, односно имаме позитивен скор од 4-1 во последните пет пресметки против Тиквеш.
Време е формата од домашниот терен да се пренесе и на непријателско тло, со тимска игра и пожртвуваност да се одржи чекорот со водечките екипи во шампионатот на Македонија. Воедно треба да се искористи и лошата форма на домаќините, кои бележат три последователни порази.
„Се чувствуваме максимално подготвени за овој дуел. Фокусот ќе игра голема улога за нас од самиот старт, мора да покажеме пожртвуваност на теренот и со триумф да се вратиме од Кавадарци“, изјави Тома Стојаноски.
Натпреварот Тиквеш – ТФТ е закажан за 18:30 часот, ќе се игра во култната сала „Јасмин“, во Кавадарци.