Нова сезона, истиот глад за успех

Новата сезона е пред нас. Првата етапа од овосезонската епоха во домашното кошаркарско првенство ја почнуваме со гостување во Битола, против Пелистер во култната сала „Боро Чурлевски“.

По минатата историска сезона во која изборивме најдобри резултати од постоењето на клубот, во седмата сезона како дел од Мтел Супер Лигата, ќе атакуваме на нови успеси и нови рекорди. Првото место во регуларниот дел, како и пласманот во големото финале во АБА-2 во ланската сезона се успеси врз кои и тоа како ќе надоградуваме.

Костурот на екипата е задржан, но ростерот сепак е освежен со млади сили желни за докажување и надигрување. Пред сè ни се приклучија супер-талентираните Ѓорѓи Цветковски, Григориј Ѓорѓевиќ и Матеј Митревски, а како странски засилувања пристигнаа и Секу Сила, Накавиејон Вајт и Алајн Луис. Комбинацијата од свежа крв и искуство е токму она што го посакуваше нашиот предводник Боро Смилковски.

Гостувањето во Битола е добредојден предизвик како за почеток на сезоната, откако подготовките ги поминавме токму како што имавме зацртано. Десетина контролни натпревари со многу квалитетни странски и домашни екипи беа тестови токму за да ја изградиме кохезијата со која влегуваме во новата сезона. Меѓу „пријателските“ мечеи вреди да се напомене триумфот против актуелниот македонски првак МЗТ, во полуфиналето на меморијалниот турнир „Зоран Петковски – Петкото“, токму во Битола, токму во салата каде што утре повторно ќе истрчаме на паркетот.

„Нè очекува исклучително тежок на натпревар на гостински терен во Битола. Голема почит кон работата на тренерот Тане Спасов. Пелистер има нова и добра екипа, млади играчи желни за докажување. Пред сè, верувам дека ќе сведочиме на модерна и добра кошарка, во која најверојатно ќе решаваат детали во играта околу победникот. Верувам во сработеното и се надевам на позитивен резултат“, се зборовите на Смилковски во пресрет на првото коло.

Во атмосферата се чувствува и желба за одмазда, токму Пелистер беше тимот поради кој ни избега третото место во ланскиот плејоф, по загубената серија со 1-2, но токму таа победа ја изборивме на нивно тло по продолженија. Знаеме како се победува во Битола, па нека и утрешниот дуел заврши во наша корист за позитивен старт на сезоната 2026/27, што ќе ни биде ветар во грб за понатаму.

Пелистер – ТФТ Скопје, недела во 19:00 часот.