ИСТОРИСКО ФИНАЛЕ ЗА ТФТ – НОВА ПОБЕДА ПРОТИВ РАБОТНИЧКИ

Екипата на ТФТ ќе го предизвика МЗТ Скопје во годинешното финале од македонскиот кошаркарски плејоф.

РАБОТНИЧКИ – ТФТ            73:92 (0-3)

Во третиот меч од серијата против Работнички, тимот од Тафталиџе славеше со 92-73 и со вкупни 3-0 обезбеди пласман во големото финале, првпат во клупската историја. По триумфот во Купот на Македонија во 2022 година, ова е најголем успех за овој клуб кога станува збор за домашното кошаркарско првенство.
До него дојде на доминантен начин и со одлична игра во втората и третата четвртина кои ги доби со вкупен резултат 46-23. Поради тоа, се на овој натпревар беше решено уште на средината од третиот квартал, а во последните десет минути немаше апсолутно никаква неизвесност. ТФТ во еден период имаше и 25 поени предност и му остана само мирно да го приведе мечот кон крај.
Говенс со 18 поени беше најефикасен кај ТФТ, Стојаноски постигна 17,  Зек Браун оствари дабл дабл со 15 поени и 11 скока, а Хотон реализираше 14 поени.
ТФТ во финалето ќе се обиде да ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје и да го оствари својот најголем успех во своето постоење.