Убедлива победа на ТФТ против Феникс за заземање на првата позиција на табелата

ТФТ е единствен тим со максимален ефект по четири одиграни кола во Првата лига откако  славеше на гостувањето кај Феникс со 80-63.

Уште еднаш до израз дојде тимскиот дух на тимот од Тафталиџе бидејќи, како и на претходните натпревари, сите играчи го дадоа својот придонес во триумфот. Нашата екипа водеше безмалку цел меч, со исклучок на првите четири минути во кои темпото го диктираше домашниот тим.

Феникс отвори со 7-2, но ТФТ одговори со 17-3 за предност од 19-10 на помалку од две минути пред крајот на воведниот период. На стартот од вториот период дојдовме до првата двоцифрена предност (23-13), Феникс потоа постигна седум поени во низа, но многу дилеми околу победникот беа решени пред крајот на полувремето, имајќи предвид дека ТФТ имаше 49-33. Во второто полувреме нашиот тим рутински ја сочува предноста, Феникс се закануваше со повремени блесоци, но не успеа да го загрози триумфот на ТФТ.

Страхил Николов беше убедливо прво име на натпреварот и за три асистенции остана покус од трипл дабл, постинувајќи 16 поени, 12 скока и 7 асистенции. Покрај него, двоцифрен ефект имаа и Говенс 14 поени, Мекиќ 12 поени и Зафиров 11 поени. Следен наш противник од рамките на првата македонска мтел лига е екипата на Шкупи со кој играме на домашен терен.